Прејди на содржината

Мирцштешки реформи

Од Википедија — слободната енциклопедија

Мирцштешките реформи (германски, Mürzsteg Reform Programme) се програма на реформи на управата во Солунскиот, Битолскиот и Косовскиот вилает на Османлиското Царство, кои големите сили му ги наметнале на Османлиското Царство. Реформите делумно се спроведени во периодот 1904-1909 година. Документот го доби своето име по австриското место Мирцштег во Штаерска, каде рускиот цар Николај II и австрискиот император Франц Јозеф со своите соработници на 2 октомври 1903 година постигнале спогодба за спроведување реформи во Македонија.

Мирцштешките реформи претставуваат одговор на востанието во Македонија. Малите балкански држави во реформите видоа најголема опасност за своите претензии во Македонија, па заедно со ТМОРО се спротивставија на нивното оживотворување.

Во февруари 1903 година турската власт донесе реформска програма со согласност на сите потписнички на Берлинскиот договор, која во Македонија беше наречена „Падарски реформи”. Наспроти нив, со овој меѓународен акт првпат трите вилаети на Македонија се изделени од другите области на Европска Турција и се поставени извесни основи за политичкото индивидуализирање на Македонија.

За спроведување на реформите е задолжена турската власт, со помош на европските сили. За главен инспектор е поставен Хилми паша. Македонија била поделена на 5 сектори, во кои биле распоредени странски офицери. Скопскиот санџак им бил доделен на австриските офицери, Битолскиот вилает на италијански, Солунскиот вилает на руски, Серскиот санџак на француски, а Драмскиот на англиски. Германија ја доби управата на жандармериските училишта во Солун.