Прејди на содржината

Гемиџии

Од Википедија — слободната енциклопедија
Гемиџии
Функционира 18991903
Водач Славе Мерџанов
Петар Манџуков
Јордан Поп Јорданов - Орцето
Цели Ослободување на Македонија и Одринско
Подрачја Македонија, Османлиска империја и Бугарија
Идеологија Анархизам
Поголеми напади Солунски атентати
Статус анархо-револуционерен кружок
Гемиџии пренасочува овде. За навивачката група од Гостивар, видете Гемиџии (навивачка група).

Гемиџиите биле таен македонски терористички кружок составен од повеќе млади Македонци, револуционери-анархисти. Повеќето од гемиџиите биле интелектуалци, коишто доброволно се здружиле меѓу себе, формирајќи го кружокот, под влијание на Македонскиот таен револуционерен комитет.

Етимологија на името

Постојат повеќе верзии за тоа како кружокот го добил името Гемиџии. Една од нив е дека гемиџиите го добиле ова име затоа што сакале на симболичен начин да кажат дека тие биле луѓе што веќе се простиле од животот и го пуштиле својот чун (гемија) во бурното море со што или ќе успеат да го извадат на брегот или ќе го разбијат од карпите, односно нема да успеат.

Членови

Повеќето биле младинци на возраст од 18 до 22 години: Јордан Поп Јорданов - Орцето, раководител на Кружокот, Димитар Мечев - Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, Георги Богданов, Милан Арсов, Костадин Кирков, Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Поп Јорданов, Алексо Минов, сите од Велес, како и Павел Шатев од Кратово, Марко Бошнаков од Охрид, Начо Стојанов, Гоце Чанев, Унгарката Ана Шапец и други [1].


Создавање на ќелија во Солун

Споменик на Гемиџиите во Скопје близу камениот мост

Оформувањето на кружокот бил во дирекна врска со дејноста на членовите на Македонскиот таен револуционерен комитет. Славе Мерџанов еден од дејците на овој Комитет успеал во Солун да придобие неколку ученици од Велес, а меѓу нив биле: Јордан Поп Јорданов (Орцето), Константин Кирков, Илија Трчков, Тодор Богданов, Владимир Пингов и други.

Во текот на три месеци Мерџанов успеал да ги рашири анархистичките идеии меѓу нив и врз основа на тие идеии оваа група почнала да се оформува. Како анархисти тие манифестирале индивидуалност и независност и биле критички настроени кон останатите организации како што била Македонската револуционерна организација.

Тие сакале со малку човечки животи да постигнат големи резултати [2].

Оваа група која е позната како Гемиџии сметала дека резултатите можат да се постигнат преку загрозување на интересите и капиталот на големите сили во Отоманската Империја, а преку нападите и човечите жртви самата империја да се држи во незивесност.

Врз основа на овие принципи кон групата се присоединиле и Тодор Органџиев, Илија Поп Јорданов, Димитар Мечев, Георги Богданов, Павел Шатев, Димитар Коштанов и Марко Бошнаков. На тој начин Славе Мерџанов успеал да создаде терористичка ќелија во Солун.

Создавање на ќелија во Цариград

Намера за атентат врз турскиот султан

Во 1899 година Мерџано, Ј. Поп Јорданов и Кирков разработиле план за напади и атентати кои требало да се изведат низ повеќе градови во европскиот дел на Отоманската Империја.

За да бидат изведени овие дејствија биле потребни финансиски средства и тие на разни начини се обиделе да ги добијат, а таково било грабнувањето на детето на Весови од страна на Мечев за чие ослободување добиле 200 лири. Кон крајот на 1899 година, Борис Сарафов ги ангажирал Мерцанов, Манцуков и Соколов, а тие заминале за Цариград.

Таму заминале со цел да извршат атентат на турскиот султан Абдул Хамид II за време на неговата молитва но се откажале од оваа намера бидејќи сметале дека планот е тешкоостварлив.

Тогаш кај нив се јавила идејата за кревање на Отоманската банка во воздух. Тие успеале преку Димитар Љапов и Симеон Трајчев да ги придобијат Калчо и Наначо Стојанови од Ресен, на тој начин се создала нова група во самата престолнина кон која се приклучил и ерменецот Кристи.

Првата акција

Тие успеале да добијат морална поткрепа од страна на Централниот комитет и финансиски средства од Врховниот комитет, а Мерџанов во договор со Борис Сарафов подготвил сличен план за кревање на Отоманската банка и во Солун.

Тој со тоа го запознал Јордан Поп Јорданов кој во Солун ги повикал своите другари од Велес, Кипров, Пингов, Органџиев и Трчков, а подоцна кон нив се приклучиле и терористот на Централниот комитет на МРО Димитар Коштанов и Павел Шатев.

Така речиси истовремено започнале две акции за копање на тунели под Отоманските банки во Солун и Цариград. Копањето во Солун одело по брзо но во Цариград наишле на карпа и затоа било препаорачано во Солун да не се брза. Потоа во Цариград бил испратен Павел Шатев, а во Солун ерменецот Кристи. Меѓуртоа планот за кревање на Отоманската банка во Цариград бил спречен.

Имено во септември 1900 година турските влласти го уапсиле ерменецот кој требало да ги снабди со експлозив, а потоа биле уапсени Славе Мерџанов, Петар Соколов, Манџуков и Шатев [1] . Од нив најмногу бил мачен Мерџанов поради едно шифрирано писмо од Христо Матов.

Меѓутоа властите сметале дека станува збор за обични комити и по нтервенцијата на бугарскиот дипломатски преставник биле ослободени и протерани од Цариград.

Централниот комитет на нивно место ги испратил Димитар Коштанов и Александар Кипров, а тој од своја страна испратил извештај за цариградскиот канал кој во текот на Солунската афера се нашол во рацете на власта со што целосно бил осуетен планот во Цариград. Кипров успеал да побегне но Калчо и Нанчо биле фатени и осудени на 101 година заточение. Поради тоа гемиџиите во Солун да го одложилe копањето на каналот се до снабдувањето со експлозив.

Обнова на дејствата

Петар Соколов и Славе Мерџанов

По падот на Сарафовиот комитет и Солунската афера гемиџиите останале без поткрепа. За да се дојде до пари Мерџанов и Соколов формирале чета на чело со Георги Фотев и влегле во Одринско.

Таму планирале да го ограбат возот Ориент Експрес но неуспеале во таа намера. Потоа тие грабнале еден турски бег но четата била откриена и уништена. Тогаш Петар Соколов загинал, а Славе Мерџанов бил заробен и во Одрин заедно со двајца ерменци бил обесен [3].

Орце од своја страна во март 1902 година заминал за Женева каде имал средба со Борис Сарафов, а тој му дал 10 000 франци и ветување за 1000 килограми динамит. Подоцна самиот Гоце Делчев им дал 5 000 лева од Солунската афера.

Со овие средства гемиџиите ја обновиле дејноста во Солун. Тие претходно изнајмиле бакланица до дуќанот каде претходно го копале тунелот и продолжиле со прекопувањето до Отоманската банка. Од своја страна пак Мечев во Одрин направил обид за копање на канал до австриската пошта но неуспешно.

Обезбедување на експлозив

Преку Цариград за Солун пристигнале првите количина на експлозив, значајни количини се обезбедени од Виена (шверцувани преку воз) кои во Велес ги прифаќал Стефан Ќулумов , а последната количина била пренесена преку релацијата Ќустендил-Кочани-Велес-Солун. Во Кочани експлозивот бил прифаќан од Тодор Александров, а тој го предал на Тодор Органџиев кој го носел во Велес. Од таму динамитот за Солун бил пренесуван од страна на Атнас Малинки кој го пакувал во канти за шарлаган и го испраќал со воз [4]. Се на се, гемиџиите обезбедили 283 кг. динамит. Со овој експлозив, гемиџиите почанале да владејат со ситуацијата. Од страна на Делчев и Даме груев тие биле убедувани дека акциите треба да ги усогласат со општиот план за востание но поради некои информации кој се појавиле во странскиот печат, дека Организацијата планира напад на некој институции каде има европски капитал, како и мерките кои биле преземени од страна на турските власти за обезбедување на истите тие институции, допринеле гемиџиите да ја забрзаат акцијата за напад, од друга страна пак постоел опасност од провала која исто така влијаела за забрзано делување.

Солунски атентати

Гвадалкивир во пламен

Нападите започнале на 15 април 1903 година со експлозијата на парабродот Гвадалкивир, експлозивот бил поставен од Павел Шатев. Истата вечер Арсов, Мечев и Трчков поставиле експлозив на возот кој се обраќал Цариград-Солун, оштетувањата биле мали.

Константин Кирков на 16 април поставил мелинит под мостот каде минувале цевки од гасовод кој бил за осветлување и градот се нашол во темнина. Потоа Трчков и Мечев се обиделе да го кренат во воздух главниот резервоар во фарбриката за осветлување но биле спречени од чуварот.

Јордан Поп Јорданов го заплил фитилот со што ја разнесол Отоманската банка. Трчков и Мечев по неуспекот се разделиле, а Трчков активирал една бомба во поштата додека пак Мечев фрлил две бомби во кафеаната Египет.

По нападите тие двајца се забарикадирале во своето живеалиште и речиси цела ноќ се бореле со жандармеријата и војската, пред да се самоубијат тие фрлиле околу 60 бомби. Меѓутоа нападите продолжиле: Милан Арсов фрлил бомба во кафаната Алхамбра, Кирков фрлил бомба кај Гранд Хотел, Пингов се обидел да го потпали Бошњак ан по што бил убиен, а Богданов фрлил една бомба пред кафаната Ноњо.

Ноќта на 16 април наспроти 17 април одекнале неколку експлозии, а тогаш загинале Трчков, Мечев и Пингов. На 17 април Јордан Поп Јорданов почнал да фрла бомби од својот стан по што се самоубил.

Истиот тој ден Цветко Трајков направил обид за убиство на солунскиот валија Хасан Фехми-паша но неуспеал по што извадил една бомба ја активирал, седнал на неа и се разнел пред очите на валијата. Последната акција била изведена од страна на Кирков кога се обидел да активира бомба во телеграфската станица но бил прободен од стражарот [4].

Епилог

Солунските атентатори


На 24 мај била донесена смртна пресуда за преживеаните гемиџии Марко Бочнаков, Павел Шатев, Милан Арсов и Георги Богданов. Според судот кој ја донел пресудата тие дошле во Солун за да ги нападнат државните институции, банките и граѓаните за да се промени формата на владеење со румелиските вилаети.

Треба да се истакне дека гемиџиите биле посебна автонома група или кружок но нивни главни организатори биле Славе Мерџанов и Петар Соколов, всушност програмата и целите кои биле поставени од страна на МТРК биле реализирани и од страна на гемиџиите.

Гемициите, биле млади идеалисти кои сакале да ги положат своите животи за своите татковини Македонија и Одринско, односно сите тие биле дел од македонското, односно македоно-одринското револуционерно движење кое се борело за слобода и човекови права.

Гемиџиите во популарната култура

Во духот на македонските национални идеали и славните Гемиџии, во деведесеттите името Гемиџии го присвоила за свое навивачката група Гемиџии од Гостивар.

Извори

  1. 1,0 1,1 Павел Шатев, Солунскиот атентат и заточениците во Фезан, Култура, Скопје, 1994
  2. Александаръ Кипровъ, Солунскиятъ централенъ комитетъ на Внатрешната македонска революционна организация, Ил/ Илинденъ, III/3 (23), София, 1930
  3. Спомени на Борис Сарафов
  4. 4,0 4,1 К. Битоски, Солунски атентати, Скопје, 1985

Видете исто така

Предлошка:МРО