Прејди на содржината

Чекајќи го Годо

Од Википедија — слободната енциклопедија
Чекајќи го Годо
Чекајќи го Годо, на Авињонскиот фестивал во 1978
РодТрагикомедија (драма)

„Чекајќи го Годо: Трагикомедија во два чина“ (француски: En attendant Godot) — антидрама (театар на апсурдот)[1] на Семјуел Бекет во која два лика, Владимир (Диди) и Естрагон (Гого), се впуштаат во низа дејствија и низа дијалози додека го чекаат насловниот лик Годо, кој никогаш не пристигнува.[2]

„Чекајќи го Годо“ е Бекетов превод на неговата оригинална драма напишана на француски јазик, En attendant Godot.[3] Изворниот француски текст бил напишан од 9 октомври 1948 г. до 29 јануари 1949 г.,[4] а драмата била премиерно изведена во Париз на 5 јануари 1953 г. Во анкетата спроведена од Британскиот кралски национален театар во 1998/99 г., таа била избрана за „најзначајната драма на англиски јазик во XX век“.[5] [6] [7]

Ликови[уреди | уреди извор]

Во драмата се појавуваат пет лика:

  • Естрагон
  • Владимир
  • Поцо
  • Лаки (Среќко)
  • Момче

Содржина[уреди | уреди извор]

Чин I[уреди | уреди извор]

Двајца пријатели, Владимир и Естрагон, стојат покрај безлисно дрво. Тие разговараат на различни теми, без некое посебно значење, и низ разговорот се открива дека чекаат човек по име Годо. Тие не се сигурни дали некогаш го сретнале него, ниту дали тој воопшто ќе пристигне. Тогаш, пристигнуваат двајца луѓе: Поцо и неговиот роб Среќко, и Поцо застанува за да поразговара со Владимир и Естрагон. Среќко е врзан со јаже и треба да ги носи тешките торби на Поцо, кој гоказнува физички ако смета дека движењата на Среќко се прелетаргични. Поцо им кажува дека не е задоволен од услугите на робот и дека оди на пазар за да го продаде. По желбата на Естрагон и Владимир, Поцо го тера Среќко да игра, но Естрагон и Владимир не се задоволни од играта. Потоа, Среќко држи говор и паѓа на земјата. Тогаш, Поцо и Среќко заминуваат, а збунетите Естрагон и Владимир продолжуваат да го чекаат Годо. Доаѓа едно момче кое им кажува дека Годо нема да пристигне вечерта, но утредента со сигурност ќе дојде. Владимир и Естрагон велат дека и тие ќе заминат, но остануваат на сцената без да мрднат.[8]

Чин II[уреди | уреди извор]

Утредента, Владимир и Естрагон повторно чекаат кај дрвото, кое сега е разлистено за разлика од првиот чин. Тие сè уште го чекаат Годо. Естрагон се жали дека бил претепан од некои луѓе и не се сеќава дека претходниот ден биле на истото место. Повторно се појавуваат Среќко и Поцо, но Поцо ослепел, а Среќко е нем. Поцо паѓа и не може да стане, а Владимир и Естрагон се колебаат дали да му помогнат. Најпосле, Владимир се обидува да му помогне, но тогаш паѓа и тој при што не може да стане. Естрагон му подава рака, но и тој паѓа. Најпосле, тие успеваат да станат и го поткреваат Поцо. Поцо не се сеќава дека воопшто ги сретнал Владимир и Естрагон, а и тие самите не можат да се согласат кога последен пат ги виделе патниците. Среќко и Поцо заминуваат, а Владимир и Естрагон продолжуваат да чекаат. Повторно се појавува момчето за да им каже дека Годо нема да дојде. И тоа им вели дека никогаш порано не ги видело нив. Откако момчето ќе излезе, Владимир и Естрагон размислуваат за самоубиство, но немаат јаже за да се обесат. Тие решаваат да заминат и да се вратат следниот ден, но повторно остануваат неподвижни сцената додека се спушта завесата.[9]

За делото[уреди | уреди извор]

Бекет ја завршил драмата во јануари 1949 година и веднаш ја понудил на неколку париски театри, но сите го одбиле ракописот. Меѓутоа, за дарамата се заинтересирал Роже Блен кој во тоа време бил непознат глумец и режисер чиј театар штотуку банкротирал. Со мала државна помош, Блен ја изнајмил салата на Театарот Вавилон и така на 4. јануари 1953 година била одржана премиерата на „Чекајќи го Годо“ наменета за околу 30 драмски критичари, а утредента драмата била изведена пред публиката. За реакциите на публиката постојат противречни извештаи, а еден критичар напишал дека станува збор за дело на еден американски романописец кое е инспирирано од состојбата на скитниците на југот на САД. Сепак, изгледа дека претставата поминала релатинво добро кај публиката, а со текот на времето критичарите во сериозните списанија ја пофалиле драмата при што еден од најдобрите осврти го напишал Ален Роб-Грије кој подоцна станал славен писател. Тој ја толкувал драмата во рамките на егзистенцијалистичката философија, отфрлајќи го ставот дека таа претставува религиозна парабола и тврдејќи дека ликовите во драмата ја искажуваат основната функција на театарот — да се покаже што значи присуството. Според него, ликовите во драмата делуваат како да немаат однапред подготвен тескт, туку се потполно слободни. Исто така, пофални зборови за драмата искажал и од францускиот драматург Жан Ануј кој рекол дека Бекетовата драма ги претставува Паскаловите „Мисли“ кои ги играат кловнови во форма на водвиљ. Набргу, критичарите започнале да ја оценуваат драмата како „метафизичка фарса“ упатувајќи на испреплетувањето на комичното и сериозното. Во тој поглед, кога неколку години подоцна ја превел на англиски јазик, Бекет го додал поднасловот — трагикомедија. Денес, „Чекајќи го Годо“ се смета за еден од темелите на драмската уметност на 20. век.[10]

Првата реченица во драмата е: „Не може ништо да се направи“, а ја изговара Естрагон, мислејќи на неможноста да го собуе чевелот, додека Владимир ја сфаќа реченицата надвор од контекстот и ја поставува на повисоко, општо ниво, како начин на сфаќање на животот. На тој начин, од самиот почеток, резигнацијата го одредува основниот тон на драмата која го следи следниов образец: потиснување на конкретното и комичното (во атмосфера на неизвесност и несигурност) на општото и трагичното. Конкретното се состои во тоа што двајца скитници се наоѓаат на селскиот пат, а комичното е во тоа што тие чекаат некого кого не го познаваат (Годо) и кој никогаш нема да се појави. Во тој поглед, пред сè, комични се ликовите, Естрагон и Владимир, кои личат на кловнови чии активности (подавањето на шапките, вербалните недоразбирања, играта на зборовите, неуспешните обиди за го поткренат паднатиот човек итн.) немаат никаква смисла, освен да предизвикаат смеа. Драмата е полна со формалните постапки од комичната традиција, а комична е и основната линија на дејствието во кое ликовите постојано се враќаат на почетната состојба. Притоа, читателот (гледачот) воопшто не знае кое се главните ликови, кои се наведени како Естрагон и Владимир, во меѓусебниот разговор се нарекуваат Диди и Гого, а на прашањето на Поцо Естрагон вели дека се вика Катул, додека Владимир му одговара на детето кое му се обраќа со „господине Алберт“. Исто така, ниту гледачот ни самите ликови не знаат кој е Годо. Уште повеќе, ликовите не се сигурни во ништо: не знаат дали и претходниот ден биле на истото место, чевлите кои претходниот ден му биле тесни на Естрагон утредента му стануваат прешироки, двајцата не можат да ја одредат бојата на чевлите итн. Оттука, во една сцена, Естрагон со право вели: „Не, ништо не е извесно.“ Затоа, ликовите не прават ништо бидејќи тоа е најсигурно. Целата драма е завиткана во двосмисленост и несигурност при што секое тврдење веднаш се релативизира, ликовите се несигурни, а за ситуацијата има премалку факти за да се дојде до појасно значење. Со тоа е отворен просторот за продирање на општото, но и во поглед на воопштувањето драмата дава само нејасни индикации. На пример, фактот дека во името Годо се содржи англискиот збор за Бог упатува на тоа дека драмата се однесува на чекањето на второто доаѓање на Исус Христос, а на тоа упатуваат и неколку други, директни асоцијации: ликовите очекуваат спас од Годо, детето им кажува дека Годо има долга бела брада, на неколку места во драмата се споменуваат разбојниците кои биле распнати заедно со Исус, алузиите и цитатите од Библијата итн. Сето тоа ја потврдува претпоставката дека драмата претставува религиозна парабола, но од друга страна, во неа не постои ниту еден цврст елемент во полза на таквото гледиште така што алузиите на Библијата треба да се сфатат само како препознатливи културни референци во контекст на европското книжевно-религиозно наследство.[11]

Драмата се одликува со кружна структура во која во вториот чин се повторуваат настаните од првиот, но сепак, според чувствата што ги предизвикува кај гледачот драмата е првенствено линеарна: со приближувањето на нејзиниот крај, комичните елементи сè помалку предизвикуваат смеа, а сè повеќе грч. Според зборовите на Норман Берлин, тоа е движење на трагедијата во кое сериозноста на ликовите доаѓа до израз низ нивното молчење и низ честите паузи, отколку низ текстот што го изговараат. Во драмата, сè се исцрпува во траењето, во чекањето, во пропаѓањето кое со себе го носи времето, во чекањето како празно дејствие, во пазнината како отсуство, во безобличноста која се повторува од непознати причини и недовршена. А гледачот е принуден да се соочи со истото прашање како и главните ликови, а драмата и нему му ги поставува истите гатанки. Всушност, драмата може да се толкува на повеќе начини, но секој од нив претставува слепа улица: ако ја сметаме за алегорија, ќе согледаме дека за тоа постојат само несигурни навестувања. Збунетоста на гледачот пред оваа драма е иста како и збунетоста пред гатанките на животот. Меѓутоа, иако драмата не нуди конечно толкување, таа нуди чувства кои не се посредни и докажани со развојот на драмското дејствие, туку наметнати со отсуството на дејствието. Во драмата може да се најде потврда дека, колку повеќе отстапува од вообичаените конвенции на создавањето и од расположливите стандарди на толкувањето, делото во себе го содржи клучот за сопственото разбирање. Иако најпознатиот опис на драмата е „театар на апсурдот“, искован од Мартин Еслин, веројатно најдобриот предложен опис на Бекетовата драма е „нулти степен на театарот“, изречен од Дејвид Брадби. Овој израз значи „да се претстават ликовите кои едноставно се тука“. Навистина, двата главни лика во драмата се појавуваат без никаква приказна и без никакво дејствие во кое би требало да учествуваат; тие изгледаат како своите постапки да ги измислуваат на самото место, а нивните коментари функционираат на повеќе нивоа; често, ликовите излегуваат од своите улоги и од драмата и неа ја вреднуваат однадвор, а во некои сцени тие се сосема свесни за сцената и за публиката. Имајќи го предвид сето тоа, „Чекајќи го Годо“ може да се опише како драма која ја претставува празнината, односно чекањето како празно дејствие. Притоа, таа не е драма која на чеховски начин говори за празнината, туку таа самата е празнина, т.е. отсуство на дејствието и на вообичаената драмска порака. Со низа зборови за ништо и со мали случки без никаква поврзаност и без никаква смисла, драмата го пополнува празнито простор и така негативно го најавува, но истовремено сведочи за себе со тоа што однатре, сама во себе, смисловно и структурно се повторува, и тоа без објаснување и без расплет. Притоа, и ликовите остануваат неинтегрирани во драмата и ја коментираат и вреднуваат однадвор, и на тој начин го концептуализираат својот невомзожен потфат.[12]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „„Чекајќи го Годо" - Бекет“. Македонски јазик и литература. 2011-11-15. Посетено на 2023-04-16.
  2. Itzkoff, Dave (12 November 2013). „The Only Certainty Is That He Won't Show Up“. The New York Times. Посетено на 12 November 2013.
  3. Ackerley & Gontarski 2006.
  4. Ackerley & Gontarski 2006, стр. 172.
  5. Berlin 1999.
  6. "Waiting for Godot voted best modern play in English" by David Lister, The Independent, 18 October 1998
  7. Aleks Sierz (2000). Simon Trussler (уред.). „NT 2000: the Need to Make Meaning“. New Theatre Quarterly. Cambridge University Press. 16 (2): 192–193. doi:10.1017/S0266464X00013713. ISBN 9780521789028. Недостасува |editor1= (help)
  8. Семјуел Бекет, Чекајући Годоа. Завод За уџбенике и наставна средства, Београд, 1996, стр. 13-57.
  9. Семјуел Бекет, Чекајући Годоа. Завод За уџбенике и наставна средства, Београд, 1996, стр. 59-97.
  10. „Предговор“, во: Семјуел Бекет, Чекајући Годоа. Завод За уџбенике и наставна средства, Београд, 1996, стр. 6-7.
  11. „Бекетова драма Чекајући Годоа“, во: Семјуел Бекет, Чекајући Годоа. Завод За уџбенике и наставна средства, Београд, 1996, стр. 98-103.
  12. „Бекетова драма Чекајући Годоа“, во: Семјуел Бекет, Чекајући Годоа. Завод За уџбенике и наставна средства, Београд, 1996, стр. 103-114.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]